Пожари

Пожар во Визбегово, гореа хаварисани возила на отпад за старо железо

09.07.2025 16:36

Македонија грчевито се бори со огнените стихии. Сериозен пожар избувна во крива паланка, од копно и од воздух се интервенираше и во Дојран и во Македонски Брод. Се разгоре и пожарот на Блаце, па патот кон границата повторно затворен. Пламени јазици и во Визбегово. Густ чад се издигна од отпад за старо железо. На терен, и физичка пресметка при приведувањето на сопственикот. Повреден е пожарникар...

Црн густ чад го прекри небото над Скопје. Откако пожар избувна во фирма за отпад на старо железо во Визбегово.

Гореа хаварисани возила на отпад за старо железо, експлозии се слушаа од плинските боци. Пожарникарите со часови се обидуваа да го совладаат огнот, состојбата стануваше алармантна, се гаснеше и од воздух со авион „Ер-трактор“ и хеликоптер на МВР за смирување на огнот.

Огнот ги пеплоса нивите со сено, постоеше опасност да се прошири кон куќите во непосредна близина. Жителите ги напуштиле домовите и помагаа во гаснењето. Еден пожарникар е повреден, а сопственикот на отпадот е приведен, даваше отпор кон полицијата.

Отпадот за старо железо имал лиценца за работа која истекувала годинава, но, не е јасно дали му е продолжена.

„Министерството за животна средина има издадено дозвола за работа во 2020 година и дозволата важела до февруари 2025 година, но во ноември 2024 колку што знаеме ние имаат поднесено ново барање, но каде е барањето не знаеме. Кај нас се бара само мислење за продолжување на нивната дозвола во министерство за животна средина. Дадовме позитивно мислење“, изјави Курто Дудуш, градоначалник на општина Шуто Оризари.

Повторно се активираше и пожарот кај Блаце, по што уште еднаш се донесе одлука за затворање на патот. Три шумски пожари, пак, избувнаа во Крива Паланка. Огнената стихија е закана за населбата Лозаново, градоначалникот побара помош.

„Апелирам за смиреност, апелирам и за помош од сите соседни општини, државна помош, да се вклучи на располагање целокупната државна механизација затоа што верувајте во опасност се наоѓа директно населеното место Лозаново и домовите на луѓето“, изјави Сашко Митовски – градоначалник на Крива Паланка.

Еден од најсериозните пожари и натаму оној над фабриката Самоков во македонски брод. Се гаснеше со „Ер-трактори“.

„Непријатен пожар тежок за гаснење, таму утрово почна со гаснење еден Ер трактор на дирекцијата доколку не успееме да воспоставиме контрола ќе упатиме и хеликоптер на полицијата, со тоа што има екипи и од земја“, изјави директорот на дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Од Центарот за управување со кризи соопштија дека се активни десетина пожари.

Андријана Ѓурческа