Куманово

Зголемена потрошувачката на вода во Куманово

13.07.2025 17:09

Водоснабдувањето во Куманово засега се одвива непречено. Вода има и за граѓаните но и за земјоделците. Но претпријатијата регистрираат зголемена потрошувачка. Се апелира на рационално трошење...

Најголемата општина во земјава засега нема проблем со водоснабдување. Дотурот на вода од акумулациите се одвива непречено. Вода во моментов има и за граѓаните, но и за земјоделците. Од Водостопанство „Кумановско липковско поле“, информираат дека сезоната е започната со 16, а во моментов има 12 милиони метри кубни вода во акумулациите.

„Сите побарани количини ги испорачуваме до Водовод, во непречена комуникација сме, имаме целосно разбирање. Исто така сезоната за наводнување кон земјоделците ја започнавме, немаме моментално поплаки, моментално вода има и ќе има но апелирам до граѓаните да ја користиме рационално, истакна Дарко Живковски, овластено лице на АД водостопанство „Кумановско-липковско поле“.

Високите температури вообичаено ја зголемија дневната потрошувачката на вода. Во одредени периоди од денот се движи и до 340 литри вода во секунда. Од Водовод потенцираат вода најмногу се троши во ноќните часови.

„Водата во овој период треба да се троши рационално, само за основни потреби, да се избегнува прскање на дворови, полнење на базени, капацитетот на ЈП и фабриката за вода со сите станици и резервоари, работат со максимален капацитет 24 часа во денот“, нагласи Оливер Стојмановски, директор ЈП „Водовод“ Куманово.

Поради големата потрошувачка, периодов намален притисок на вода бележат повисоките зони во градот.

Елена Георгиевска