Зголемен бројот на сообраќајни несреќи на делницата Катланово-Демир Капија
Со почетокот на туристичката летна сезона, се зголеми фреквенцијата на возила по автопатот „Пријателство“. На делницата која е во надлежност на СВР Велес, од Катланово до Демир Капија, евидентирани се зголемен број сообраќајки и на повредени. Добрата вест е што жртви нема. Полицијата препорачува внимателно возење и одмор.

Изминатиот период полицискиот билтен е полн со сообраќајни незгоди, кои се случуваат по должината на автопатот делница Катланово до Демир Капија, која е во надлежност на СВР Велес. Туристите кои заминуваат или се враќаат од одмор во Грција, се најчестите учесници.
Заморот, падот на концентрацијата и сонот се главните причини за предизвикување сообраќајните несреќи. Затоа од полицијата препорачуваат возете одморени. Среќна околност е што засега жртви нема.
На 15 јуни, за четири часа околу полноќ, беа случени три сообраќајки на автопатот близу Велес со петмина повредени учесници, сите странци. Тројца од нив поради тежината на повредите беа префрлени во скопските клиники. Овој период ургентниот центар при велешка болница има зголемен обем на работа.
Во овој период, кога е зголемен бројот на туристи кои транзитираат низ земјава, возачите минуваат стотици километри на пат кон туристичките дестинации, од особена важност е да се прават почести паузи во текот на патувањето и да се следат препораките за безбедно возење.
Петар Печков
