Пожари

Намалена бројката на активни пожари, но закана се оние што тлеат

13.07.2025 13:31

На отворено сè уште активни два пожари, четири се под контрола, а 22 се изгаснати. Ситуацијата најсериозна кај селото Николич во Дојран. Директорот на дирекцијата за заштита и спасување, смета дека добро се справуваат со пожарите. Ангелов во интервју за Радио Слободна Европа потенцира дека се залага за формирање противпожарна интервентна единица...

Во земјава не запираат пожарите. Намалена е бројката, но закана има. Според првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување успешно се справуваме со нив. Иако, наместо елитна интервентна единица доби пренаменети војнички оклопни возила во противпожарни и доброволци за гасење на пожарите за 400 евра. Ангелов уверува дека пренаменетите возила дале одлични резултати бидејќи во еден ден биле изгасени 63 пожари.

Повеќе го загрижуваат коруптивни дејствија меѓу вработените и сака да бидат искоренети, има многу слабости, вели, во дирекцијата. Несоодветни кадри инспектираат и даваат дозволи. Сè уште нема инспектори за пожари, па потребно е да се обединат ЦУК и Дирекцијата.

Од ЦУК известија дека сè уште се активни пожарите во село Николич, Дојран, каде што гори нискостеблеста шума, како и во Чучер Сандево, во пределот меѓу селата Горњани и Блаце, каде има шумски пожар.

Од МВР посочуваат дека нема евидентирани лица кои ја прекршиле забраната за движење во шума. А, премиерот изјави дека постојат сомненија за организирани активности во врска со пожарите и дека институциите поседуваат докази, па наскоро ќе се знае дали и кој стои зад евентуалното подметнување на пожарите во главниот град.

Фиљана Кока