Охрид

Во „Св. Софија“ во Охрид устоличен новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија

13.07.2025 15:54

Дебарско-кичевската епархија го доби новиот владика. Со Божествена литургија во катедралната „Света Софија“ беше хиротонисан и устоличен владиката г. Георгиј...

Во катедралната „Света Софија“ во Охрид хиротонисан и устоличен новиот владика на Дебарско-кичевската епархија. На свечената церемонија Архиепископот македонски г. г. Стефан пред царските двери во прекрасниот храм го предаде Архијерејскиот жезол на митрополитот Георгиј.

Денес се радува земјата и небесата затоа што древниот Охрид доби достоен владика, рече г.г. Стефан.

Денес добивме архијереј достоен на своите предци, пастир кој како што некогаш Елисеј го беше зел кожувот на Илија за да ја продолжи неговата служба и тој ќе ги земе на себе добродетелите од своите упокоени предци и ќе го продолжи нивното Свето дело. Денес добивме првосвештеник којшто го има Аврамовото послушание, кој е милостив како Јосиф, храбар како Естира, доблесен како Ное, честит како Даниил, верен како Рут. Добивме митрополит кој му пее на Бога како Давид кој се бори за вистината на верата како Илија,

Новиот духовен водач на Дебарско кичевската епархија, кој денес стана 13-от митрополит на МПЦ-ОА во својата беседа изразувајќи благодарност до Синодот рече „Не доаѓам со големи планови, но со искрена љубов“.

Од Господа не барам да бидам успешен туку верен, нему и на црквата, а даруваниот крст смирено да го примам и цврсто да го носам. Молете се за мене за да не заборавам дека сум последен во редот но прв во одговорноста и барем малку да бидам пастир како што овој македонски крај и овој град заслужуваат. Зашто Охрид не е само споменик туку и светилник.

Новиот владика на Дебарско кичевската епархија доаѓа на местото на митрополитот Тимотеј кој се упокои во ноември лани.

Соња Рилковска