воен конфликт

САД ќе испорачаат воена опрема за Украина

15.07.2025 10:55

Вашингтон ќе и испрати на Украина воена опрема, вредна милијарди долари, вклучувајќи и ракетни системи „Патриот“. Трамп и даде рок на Москва за прекин на огнот од 50 дена. Брисел ултиматумот го оцени како „предолг“. Кремљ ги игнорира заканите од Трамп …

Поддршката од САД за Украина продолжува. Вашингтон вети нова воена помош за Киев, вредна милијарди долари, вклучително и ракетни системи „Патриот“. Американскиот претседател се закани со санкции за Москва ако не се постигне договор за прекин на огнот во Украина, во рок од 50 дена. Според украинскиот претседател, мирот е можен само преку сила.

„Русија се обидува да ја направи војната да изгледа како нова нормалност. Мирот е можен само преку сила. Работиме на ниво на нашите тимови – на Украина и САД за да ги обезбедиме силите и средствата што ни се потребни за да го заштитиме животот и да ја одбраниме нашата држава“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Ако немаме договор за 50 дена, тоа е она што го правиме, секундарни царини. И тие се штетни. И се надевам дека нема да стигнеме до таа точка. Но, слушам толку многу муабети. Се е муабет, а потоа ракетите одат во Киев и убиваат 60 луѓе. Тоа мора да престане. Но, целта на ова е да склучивме многу голем договор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Украина ќе добие многу големо количество воена опрема благодарение на договорот меѓу НАТО и САД, изјави генералниот секретар на НАТО, Руте на средбата со Трамп во Вашингтон. Од Брисел ја оценија реториката на Трамп како позитивна, но велат дека е само предлог, а 50 дена се долг период. Состојбата во Украина, една од темите и на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ.

„Добар знак е што гледаме дека и Соединетите Држави сфатија оти Русија навистина не сака мир. За да имаме мир, треба да ја поддржиме Украина и треба да извршиме притисок врз Русија. Се надевам дека Американците ќе дејствуваат и со нивниот пакет санкции или царини“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.

Украинците со поделени ставови за новите мерки на САД.

„Ако ја земеме ситуацијата како целина, тешко дека ова фундаментално ќе промени нешто“, изјави жител на Киев.

„Секако дека најавите на Трамп може да го забрзаат крајот на војната. Но, од некоја причина имам толку малку доверба во него. Денес вели едно, а утре може да каже нешто друго. Да имаше Путин помалку помош од Севернокорејците, Кинезите и сите други наоколу, можеби војната ќе завршеше“, изјави жителка на Киев.

Во Русија велат дека веруваат оти претседателот Путин знае што прави.

„Што е нормално во она што го кажува Трамп? Не гледам ништо ново тука. Не треба да придаваме премногу важност на она што го кажува“, изјави жител на Киев.

„Верувам дека ја доверивме нашата земја на упатена личност, рускиот претседател Владимир Путин, и тој и неговиот тим ќе смислат што да прават со неа“, изјави жител на Москва.

Од Кремљ претходно изразија подготвеност за трета рунда директни преговори со Украина, но според нив, очигледно е дека на Киев не му се брза.

 

Маријана Димовска