Пужари

Дивите депонии се бомби со одложено дејство, велат експертите

17.07.2025 14:03

Зима со чад од печки, лето со отров од депонии. Додека државата се гуши во загаден воздух, стручњаците алармираат – дивите депонии се бомби со одложено дејство! Во нив гори сè – од пластика до токсични материи. Преку огнот се ослободуваат гасови кои незабележливо, но опасно го трујат човековото тело. Државата признава – депонираме на супстандарден начин…

Во зима согорувањето на дрвата, најголем загадувач, во летото пак пожарите во дивите депонии. Во нив има се, а преку огнот се испушта висока концентрација на токсични материи, штетни по здравјето на луѓето. Познавачите на состојбите со став – треба да се создадат услови за да се поместиме од оваа точка.

„Главната причина е затоа што нашите системи за управување со отпад се нефункционални. Наместо депонии имаме нестандардни ѓубришта, а не депонии и отпадот не се управува соодветно и додека не ги создадеме условите сигурно нема ни да се поместиме од оваа точка. Треба да создадеме услови отпадот правилно да се прифати, да се третира пред да се депонира и да се депонира тоа што не може да се искористи“, вели проф. др. Дејан Мираковски-ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.

Лекарите предупредуваат – пожарите на депониите се особено опасни, а за кратко време високи концентрации на отровни гасови се шират во воздухот. Посочуваат дека последиците од ваквите пожари не се гледаат веднаш, но може да бидат сериозни.

„Се ослободуваат и пареи на тешки метали кој и на краток и на долг рок, а особено на долг рок можат да предизвикаат сериозно здравствени нарушувања затоа што тешките метали имаат долг рок на распаѓање, долго се задржуваат во организмот, може да се депонираат во одредени органи и да предизвикаат нарушување на нивната функција, тука би го истакнал депонирањето во коскената срж и да предизвикаат нарушувања во зреењето на крвната лоза, но и сериозни крвни заболувања“, проф. д-р Андон Чибишев – директор на Клиниката за токсикологија.

Од 50 депонии во државата само Дрисла и гевгелиската имаат интегрирана еко дозвола. На повеќе од илјада диви депонии неконтролирано се исфрла отпад. Само овој месец, во неколку од нив имаше пожари од голем размер. Еко-активистите тврдат дека има и многу повеќе диви депонии. Предупредуваат дека ако не се преземат мерки од институциите се повеќе ќе се труеме од пожарите предизвикани на нив.

Предизвици со кои се соочува државата се недоволна јавна свест за рециклирање, лоша инфрастуктура и слабо селектирање на отпадот.

Наташа Гркова - Петрушевска