Инфраструктура

Македонија и Бугарија се договорија да ја довршат изградбата на тунелот меѓу Ѓуешево и Деве Баир

17.07.2025 15:21

Софија и Скопје се договорија да ја довршат изградбата на железничката пруга и заеднички да го изградат тунелот меѓу Ѓуешево и Деве Баир – дел од Коридор 8. Во Брисел, двете земји постигнале согласност да го финализираат текстот на меѓувладиниот договор...

По години застој и несогласување – Софија и Скопје се договорија да ја довршат изградбата на железничката пруга и заеднички да го изградат тунелот меѓу Ѓуешево и Деве Баир – дел од Коридор 8. Во Брисел, двете земји постигнале согласност да го финализираат текстот на меѓувладиниот договор.

Потпишувањето е планирано за наесен. Македонија се обврза да ја заврши делницата од Крива Паланка до влезот на тунелот, а Бугарија од излезот на тунелот до приклучувањето со постоечката пруга. Почетокот на градежните работи се планира за првата половина од идната година.

„Од излезот на тунелот до приклучувањето со постоечката пруга, приближно 2-3 километри, треба да се направи проект кој Бугарија треба да го реализира како држава, вклучително и модернизација на целокупната пруга од Ѓуешево до Софија. А тунелот да биде заеднички проект финансиран од Европската унија.“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на Владата.

Со тунелот што го поврзува Ѓуешево со Деве Баир и инвестициите од двете страни на границите, железнички треба да се поврзат Македонија и Бугарија преку Коридорот 8. А кога ќе се комплетира делот и до Албанија, ќе се поврзат Јадранско со Црно Море. Изградбата на железничката пруга има поддршка од Европската унија.

Во земјава е завршена трасата на железничката пруга од Куманово до Бељаковце, а во тек е изградбата на делницата до Крива Паланка.

 

Андријана Ѓурческа