Локални избори

Се спремат списоците со кандидати за градоначалници за претстојните локални избори

17.07.2025 17:15

Политичките партии ги отвораат картите за кандидатурите за есенските локални избори. Опозицискиот СДСМ сè уште тактизира за Скопје. Во албанскиот политички блок политичката битка најизразена во Тетово, Гостивар и во Чаир...

Партиите ги готват списоците со кандидати за градоначалници за претстојните локални избори. ВМРО-ДПМНЕ објави најмногу кандидати, најголем број досегашни градоначалници кои повторно добија доверба. Владејачката партија прва соопшти дека за градоначалник на град Скопје, ќе го кандидира актуелниот градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓоргиевски, убедени дни се дека нивниот кандидат ќе победи со голема разлика.

СДСМ сè уште тактизира со објавувањето на кандидати за градоначалници. Сигурни се само дека повторно ќе ги кандидира досегашните градоначалници на Центар и Крушево. За градоначалник на град Скопје во потесна трка се архитектот Мишко Ралев и потпретседателката и поранешна министерка за животна средина Каја Шукова. Од владиниот коалициски партнер движењето „Знам“, објавија дека самостојно ќе настапат со советнички листи, и дека повторно ќе го кандидираат лидерот Максим Димитриевски за градоначалник на Куманово. За останатите кандидат при крај се преговорите за соработка со ВМРО-ДПМНЕ во некои општини.

Од албанскиот политички блок, засега само Европскиот фронт предводен од ДУИ излезе со кандидатура на Бујар Османи за градоначалник на Чаир, Арбен Таравари за Гостивар и Зијадин Села за Струга. Од владејачкиот партнер „Вреди“ поддршка дадоа за независниот кандидат за градончалник на Струга Менди Ќура. За Чаир во игра е повторно да се кандидира актуелниот вицепремиер Изет Меџити.

Премиерот Мицкоски смета дека нема потреба за нова лидерска средба со лидерот на СДСМ, Филипче, за конзесус за државните интереси.

 

Ирина Гелевска