Во Лондон потпишана декларацијата за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство
Лондон станува нов клучен сојузник на Скопје. Муцунски и Лами поставуваат темел за заедничка геостратешка визија. Од декларација до реални проекти, договорот „Влада со влада“ ја отвора вратата за инвестиции, трговија и инфраструктурен подем …

Во Лондон потпишана декларацијата за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство. Документот има за цел да ги зајакне и унапреди стратешките односи меѓу двете земји. На средбата меѓу македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговиот домаќин државниот секретар за надворешни работи Дејвид Лами станало збор и за договорот „влада со влада“, кој ќе ја зголеми трговијата, ќе го поттикне економскиот раст и ќе овозможи реализација на низа инфраструктурни проекти.
Соговорниците размениле мислења и за соработката во рамките на НАТО Алијансата, придонесот за регионалниот и глобалниот мир и стабилност, како и за соработката во рамките на мултилатералните организации. Муцунски посочува дека ниту во стратешкиот договор нема ништо околу прифаќањето мигранти од наша страна.
Во рамки на работната посета на Лондон, министерот Муцунски се сретнал и со членовите на парламентарната група за соработка со република северна Македонија, а имаше свое обраќање на бизнис-форум, каде фокусот е ставен на потенцијалите и можностите за инвестирање во Македонија.
Миле А. Ристески
