Блиски Исток

Засилена дипломатија на Блискиот Исток

19.07.2025 13:35

Шефот на Белата куќа тврди дека десетмина затвореници ќе бидат ослободени од Газа. Тимови на Израел и Хамас со посредство на САД преговараат во Доха, тензии, напади и нови апели за мир и во Сирија. Вашингтон потврди дека е постигнато примирје, побарано инволвираните страни да го положат оружјето.

Десет заложници во Газа наскоро ќе бидат ослободени, уверува американскиот претседател. Претставници од Израел и Хамас учествуваат во нова рунда преговори за прекин на огнот во Доха за предлогот поддржан од САД за 60-дневно примирје.

„Во Газа, ги вративме повеќето од заложниците. Наскоро ќе имаме уште десетмина и се надеваме дека тоа ќе го завршиме доста брзо. И Стив Викоф беше фантастичен. Тој заврши одлична работа. Тој е многу добар човек, добар склучувач на договори“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Израелскиот премиер изрази жалење поради трагичниот инцидент во кој беше погодена единствената католичката црква во Газа. Папата Лав 14 го повтори повикот за итен прекин на огнот. Црковни водачи од Ерусалим во ретка посета на енклавата во знак на солидарност, повикаа на мир.

„Повикуваме многу брзо да се воспостави мир во Газа затоа што ни е потребен. Луѓето не сакаат да бидат имигранти, луѓето сакаат да останат во Газа, затоа што тоа е нивниот дом, тоа е нивното место, нивната земја“, изјави Алексиј, грчки православен архиепископ.

„Нашата ситуација каде што живееме во Ерусалим не е толку лесна и ние следиме што се случува, но сме благодарни и пред сè, на нашите свештеници кои служат овде“, изјави Теофил трети, патријарх на Ерусалим.

Во меѓувреме, Вашингтон потврди дека е постигнато примирје во Сирија по обновените судири меѓу Друзите, членовите на бедуинските племиња и сириските владини сили. Апел до инволвираните страни да го положат оружјето. Сепак бедуинските кланови се мобилизираа за да се приклучат на борбите. Според Сириската опсерваторија за човекови права во немирите загинале над 700 луѓе, вклучително жени и деца.

„Извештаите што ги прими нашата канцеларија укажуваат на прекршувања и злоупотреби, вклучувајќи егзекуции и произволни убиства, киднапирања, уништување на приватен имот и грабежи на домови во јужниот град Сувејда. Меѓу пријавените сторители се членови на безбедносните сили и лица поврзани со привремените власти, како и други вооружени групи од областа, вклучувајќи ги Друзите и Бедуините“, изјави Равина Шамдасани, портпаролка на Канцеларија за човекови права на ООН.

Вашингтон уверува дека не ги поддржале израелските напади во Сирија. Од Стејт департментот велат дека се во дипломатски контакт со двете страни, како за решавање на сегашната криза, така и за постигнување траен договор меѓу двете суверени држави.

 

Маријана Димовска