Вонредни инспекциски контроли на хотелите и станоиздавачите
Засилени инспекциски контроли во екот на туристичката сезона во Охрид. Инспекторите по туризам секојдневно вршат надзори на хотелите, камповите, приватните издавачи и туристичките водичи. Сивата економија во туризмот е намалена, но не искоренета...

Инспекторите по туризам вршат засилени вонредни инспекциски контроли на брегот на Охридското Езеро. Се чешлаат хотелите, станоиздавачите, вилите, камповите и туристичките водичи. Сите се должни да ги пријавуваат гостите и да плаќаат туристичка такса која изнесува 40 денари на ден по турист, но и данок на остварените приходи.
Сопствениците на станови не смеат да сместуваат гости без да се регистрирани за таа дејност, а за изнајмениот стан на роднини и пријатели треба да платат, ослободени се само гостите до прво колено.
„Како мерка што ја користиме по законот за инспекциски надзор, е опомена. Меѓутоа, негде кај што сме добиле доказ, или сознание, или сме увиделе при вршење на надзорот дека не е тоа веќе за опомена, тогаш се изрекува глоба. Глобата е од 100 до 250 евра за физичко лице“, изјави Виолета Тунтева инспектор по туризам.
Секојдневни контроли се вршат и на странските групи туристи кои се должни да ангажираат локален туристички водич. Затекнати се странски водичи кои сами го презентираат Охрид, но и со фалсификувани легитимации.
„Охрид има регистар на туристички водичи со завидна бројка. Може да се случи, да сум искрена, да се провлече некоја група, да не именувам од која држава, може да се случи, дури за жал се затекнуваат некои со импровизирани легитимации којшто, ако се затекнат на лице место, веднаш се изрекува глоба“, вели Тунтева.
Сивата економија во туристичкиот сектор е намалена, но сè уште присутна. Дел нецелосно ги пријавуваат туристите, затајуваат данок, но има станоиздавачи, кои не се категоризирани и на диво сместуваат туристи без да плаќаат никакви давачки.
Соња Рилковска
