Охрид

Заеднички патроли на македонски и српски полициски службеници

23.07.2025 14:25

Продолжува традицијата на функционирање на заеднички полициски патроли од Македонија и Србија во Охрид. До крајот на август полициските службеници секојдневно ќе патролираат во градот и долж крајбрежјето, што ќе придонесе српските туристи да се чувствуваат посигурни. Патролите се реализираат врз основа на потпишаниот Протокол за соработка во текот на летната и зимската туристичка сезона помеѓу Министерствата за внатрешни работи.

Од вчера во Охрид започнаа заедничките патроли на македонски и српски полицајци што ќе придонесе српските туристи кои одмораат во овој наш туристички центар да се чувствуваат побезбедни.

Целта на заедничките контроли на полициските службеници од двете држави не е само размена на искуства, туку и излегување во пресрет на граѓаните од безбедносен аспект или обезбедување на некои сервисни информации.

Од српска страна до 31 август во патролите ќе бидат вклучени тројца униформирани полициски службеници и еден инспектор од областа на криминалистиката.

„Српските полицајци многу добро ги знаат македонските полициски закони. Постапуваат заедно со колегите тука во Охрид и нивниот ангажман практично значи давање помош на македонските полициски службеници во реализација на сите оние настани со коишто се соочуваат или бидат повикани“, изјави Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.

Полицајците се задоволни од приемот на своите македонски колеги и очекуваат исполнување на сите зацртани цели.

„Вчера ги имавме првите заеднички контроли со нашите колеги. Впечатоците се позитивни, бидејќи тука сме првенствено да им помогнеме на нашите државјани во врска со сите нивни проблеми или сомнежи додека престојуваат во Охрид. Мислам дека треба да ја продолжиме оваа соработка со што ќе се унапредат односите меѓу нашите земји и полиции“, изјави Марко Стефановиќ – Полициска управа Лесковац-Србија.

Првичните реакции на српските туристи се извонредни, уште повеќе поради тоа што ќе можат да им телефонираат на српските полицајци доколку има некои недоразбирања.

 

Сашо Нелоски