Газа

Хуманитарна криза, глад во Газа

23.07.2025 12:56

Два милиони жители на Газа се соочуваат со глад или неисхранетост, поради ембаргото за животни намирници во Појасот. Над 100 меѓународни хуманитарни здруженија и организации повикаа да се дозволи снабдувањето, 30-на во последните три дена починаа од недостиг на елементарните услови за живот. Изутрината, Израел продолжи со бомбардирањето на појасот, погодени се објекти на Светската здравствена организација...

Во Газа, борбата за живот не се сведува единствено на засолништата и избегнувањето на смртоносните израелски проектили. Кога експлозиите стивнуваат, двата милиона жители, сега можеби и далеку помалку, се соочуваат со предизвикот на преживувањето. Секојдневно, се бара залак повеќе, 33-ца починаа поради глад и неисхранетост во последните три дена. Над 100 камиони хуманитарна помош се блокирани од Израел, Тел Авив тврди тоа го направиле самите организации. Сепак децата најмногу страдаат.

„Детево ми е без чувства веќе четири дена. Престана да се движи и да зборува. Ослабна од 10 на 8 килограми, два килограма изгуби за два дена. Бара храна, не можам да ја најдам“, изјави Нура Хијази-Палестинка.

„Младите мајки немаат млеко за новороденчињата. Нема млеко, нема доење, страдаат најмногу бебињата под шест месеци. Медицината не може да помогне доколку нема храна“, изјави д-р Саед Салах-директор на Јавна болница во Газа.

Цените дивеат во Газа, секој ден на семејство му треба околу 80 евра само за брашно, што не може да се најде во продавниците. Или 150 евра за соја и грав и векна леб.

„Во магацините нема брашно, храна, дури и зеленчук. Ако најдеме малку, цените се ненормални“, изјави Закарија Абу Јехја-трговец.

Наспроти хуманитарната криза, продолжуваат израелските рекетирања на Појасот. Погодени се и магацините на светската здравствена организација. Во Израел итно пристигна специјалниот емисар на Трамп, Стив Виткоф.

„Претседателот Трамп го посакува мирот во Израел што е можно побрзо. Пратеникот Виткоф е во Газа, се надеваме на прекин на огнот и на воспоставување хуманитарен коридор. Да потсетиме, имавме веќе договор што беше прекршен од хамас“, изјави Теми Брус-гласноговорничка на Стејт департментот на САД.

Човечката селидба во појасот е постојана. Од Кан Јунис, кон Рафа, кон европската болница и така во круг повторно од почеток. За време на речиси двегодишната војна, загинале 60 илјади Палестинци, 800 во бркотницата по храна и вода во последните неколку недели.

 

Зоран Богатинов