Киев и Москва договорија размена на воени затвореници и цивили
Третата рунда разговори меѓу Русија и Украина заврши со договор за нова размена на затвореници и цивили. Киев вели дека е подготвени за прекин на огнот, Москва побара краткорочни прекини на борбите од 24 или 48 часа. На фронтот продолжија борбите, а во поголемите украински градови протестите против зголемените овластувања на државниот обвинител...

Киев и Москва се согласија за размена на воени затвореници и цивили за време на вчерашната, трета рунда мировни преговори во Истанбул. Шефот на украинската делегација, Рустем Умеров, изјави дека Украина е подготвена за примирје и ја повика Русија да покаже конструктивен и реалистичен пристап.
„Украина продолжува да инсистира на целосен и безусловен прекин на огнот како неопходна основа за ефикасна дипломатија. Ние сме подготвени за прекин на огнот и да почнеме суштински мировни преговори. И од другите страни зависи да го прифатат овој основен чекор кон мирот“, изјави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина.
Шефот на руската делегација, Владимир Медински уверува дека се враќаат украинските деца, но поголемиот дел од нив веќе се возрасни и можеби раселени некаде во Европа. Исто така потврди дека Русија и предложила на Украина да размисли за краткорочни прекини на огнот од 24 или 48 часа со цел евакуација на ранетите. За бараната средба Зеленски – Путин вели дека ќе се случи само ако треба нешто да се потпише.
„За да се одржи ваков состанок потребно е однапред да се разработат условите на договорот, да се разбере што да се дискутира на овој состанок, и всушност, на овој состанок е потребно не да се дискутира договорот, туку да се стави точка, да се потпише. Знаете, како што велиме, крајот ја крунисува работата. Средба за повторно да се разговара за сето ова од нула нема смисла“, изјави Владимир Медински, шеф на руската делегација.
На фронтот продолжија борбите, а во поголемите украински градови протестите против зголемените овластувања на државниот обвинител. Украинскиот претседател вели дека е свесен за критиките за одлуката за промена на законот за антикорупциските тела, но уверува дека промените се со цел зајакнување на владеењето на правото.
„Се согласивме дека раководителите на овие институции заеднички ќе предложат акционен план – план од конкретни чекори што можат да го зајакнат владеењето на правото во Украина. Секако, сите слушнаа што луѓето велат овие денови. Ги анализиравме сите загрижености, сите аспекти на тоа што треба да се промени и што треба да се засили“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побара итно објаснување од Зеленски, за новиот закон и нагласи дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се основни вредности на ЕУ и тука нема компромиси.
Маријана Димовска
