Кривичен суд

Раде Трајковски-Штекли седна на обвинителна клупа, одбраната тврди дека тој не е способен да ги следи рочиштата

07.08.2025 16:26

Раде Трајковски-Штекли седна на обвинителна клупа, но одбраната тврди дека тој не е способен да ги следи рочиштата. Токму затоа на идното судење ќе се вкрстат психијатриски извештаи на Обвинителството и адвокатот на обвинетиот. Трајковски е обвинет за трговија со дрога, заедно со уште 9 лица. Се товарат дека тргувале со марихуана и со кокаин, преку интернет и во локали низ општина Аеродром...

Раде Трајковски-Штекли халуцинира и нема психичка способност да ги следи судските рочишта за обвинението кое се товари трговија со дрога, тврди неговиот адвокат. Обвинителството и одбраната ќе треба да ги вкрстат експертските мислења кои треба да утврдат дали обвинетиот има психичко растројство. Судската расправа денеска одново беше одложена против главниот обвинет и уште деветмина соучесници за недозволена трговија со наркотични сретстства, во која беа откриени над 4,5 килограми кокаин. Судијата на идното рочиште ќе одлучи дали Трајковски е способен да присуствува на судската расправа. На претходно рочиште Штекли воопшто не се појави заради здравствени проблеми и заврши на ургентен центар.

Претходно, ОЈО ГОКК поднесе обвинение против 17 лица, но седум од нив склучиле спогодби и добиле затворски казни од три до пет години. На денешното рочиште уште четворица од обвинетите ја признаа вината и за нив ќе се види посебен процес. Истрагата траела речиси една година и вклучувала посебни истражни мерки. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по претходно утврдени цени. Според обвинителниот акт групата комуницирала преку интернет апликации.

Претходно, врз Раде Трајковски-Штекли имаше три неуспешни обиди за убиство. Два пати беше пукано кон него во трговски центар, а кон крајот на минатата година беше фрлена бомба во неговиот дом.

 

Игор Панов