Македонија

Шумите може да се обновуваат дури сто години

12.08.2025 15:17

Процесот на природна обнова на шумите може да трае до дури сто години. Најефикасен начин е пошумувањето. Познавачите бараат итни реформи, справување со климатските промени и спречување нови пожари, кои носат сериозни последици …

Од педесет години до дури еден век, може да бидат потребни за природна обнова на шумите. Интензитетот на пожарот, местото, типот на почвата но и климатските услови, се факторите коишто влијаат на брзината на обновата.

Најефикасен начин е активното пошумување, сметаат познавачите на шумарската наука. Препорачуваат користење на автохтони видови дрвја, кои се природно прилагодени на локалните климатски и почвени услови. Садењето мешани насади наместо монокултури, ќе ја зголемат отпорноста на идни пожари и болести. Но велат само со итни реформи, и инвестирање во превенција, која е многу поевтина од справувањето со последиците, ќе се спречи понатамошно уништување на шумите. Државата потенцира Михајловски, мора да се адаптира на климатските промени, со развивање отпорни предели. Тој укажува дека редовното управување со шумите вклучува и редовни прореди, одржување на шумски патишта за пристап и стратешки лоцирани противпожарни појаси со резервоари со вода.

„Намалениот број на врнежи, зголемената температура, продолжениот период на суша и другите фактори креираат услови коишто се погодни за појава на пожари, вклучувајќи ги и шумските пожари и овој фактор е значаен дури и клучен во моментите за управување со пожарите. За Македонија е важно дека е потребно адаптивно управување со пожарите, каде што ќе се потенцира и делот за климатските промени, фактор којшто во последниот период ни дава предизвици со кои ќе се справуваме и во иднина“, вели Бојан Михајловски, експерт по шумарски науки.

Познавачите нагласуваат и дека е неопходно модернизирање на системите за рано предупредување, подобрување на противпожарната инфраструктура, но и едукација на населението. Последиците од шумските пожари се огромни и зафаќаат неколку сектори. Влијаат врз здравјето, предизвикуваат економски штети, погодени се туризмот, земјоделството, како и животинскиот и растителниот свет. Македонија изминативе години се соочува со рекордни загуби на шумите. Пожарите продолжуваат, па нема ниту простор за природна регенерација.

 

Елена Георгиевска