локални избори

Правда заедно со експерти, бара одговор на прашањето за можноста за кандидирање на независните на локалните избори

12.08.2025 17:03

Министерството за правда, заедно со експерти, бара одговор на прашањето за можноста за кандидирање на независните на локалните избори. Епилог се очекува наредните денови. Дилемата се отвори по различните ставови на Државната изборна комисија, независните и на владата за условите за нивното учество...

Ќе добие ли изборната трка нови правила? Експерти се повикуваат на консултации во Министерството за правда за да дефинираат фер-плеј. Премиерот Мицкоски најави дека на состаноците се бара решение за независните кандидати и листи и дека ќе се постапи согласно закон.

Од Правда потврдуваат дека состаноците се во тек, но сега за сега, нема заклучоци.

Откако ДИК пресече дека не се потребни потписи за пласман, независните кандидати добија слободен влез во арената. Сепак, остана стравот дека големите политички играчи може да ги изиграат, па затоа ќе формираат политички партии. Од СДСМ им порачаа дека нивниот глас е важно да се слушне на изборите.

ОБСЕ/ОДИХР ќе испрати 24 долгорочни и 250 краткорочни набљудувачи кои ќе го мониторираат изборниот процес од почеток до крај. Ќе се следи регистрацијата на кандидатите, текот на кампањата, медиумското известување, финансирањето и изборниот резултат.

Анита Димитријевска – Велковска