Самитот САД-Русија ќе се одржи во Енкориџ
Најголемиот град во Алјаска, Енкориџ ќе биде домаќин на самитот меѓу светските лидери на САД и Русија – објави Белата куќа, додавајќи дека сегашната американска администрација ги презела сите мерки за постигнување мир во Украина преку дипломатија...

Најголемиот град во Алјаска, Енкориџ ќе биде домаќин на самитот меѓу светските лидери на САД и Русија – објави Белата куќа, додавајќи дека сегашната американска администрација ги презела сите мерки за постигнување мир во Украина преку дипломатија.
„В петок наутро, претседателот Трамп ќе патува низ целата земја до Енкориџ, Алјаска, на билатерална средба со рускиот претседател Путин. Бруталната војна меѓу Русија и Украина избувна под некомпетентното водство на Џо Бајден. Но, претседателот Трамп е решен да се обиде да ја заврши оваа војна и да ги запре убиствата“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Пред историскиот самит, европските лидери на виртуелна средба со Зеленски и Трамп. Остануваат посветени на поддршката за Киев и одржувањето притисок врз Русија. Ставот познат-Украина и Европа мора да бидат на преговарачка маса.
„ЕУ е исклучително активна на сите фронтови за да ја поддржи Украина и да ја стави во позиција на сила“, изјави Аријана Подеста, портпаролка на Европската унија.
„Нема да можеме да навлегуваме во детали, бидејќи преговорите се очигледно доверливи. Но, клучниот и суштински елемент останува-нашиот притисок врз Русија функционира“, изјави Анита Хипер, портпаролка на Европската унија.
Пред виртуелната средба, Зеленски предложи мировен план во три точки-прво прекин на огнот, потоа преговори со посредство на САД и конечно јасни безбедносни гаранции. Дециден дека нема да го отстапи Донбас.
„Не можеме да го направиме ова. Сите го забораваат првиот дел – нашите територии се нелегално окупирани“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Путин, пак, телефонски разговарал со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, споделувајќи информации за престојниот состанок со Трамп и зајакнување на врските и воените напори против Украина.
На фронтот продолжува да гори. Медиумите јавуваат за изненадувачки руски пробив во источна Украина. И Киев и Москва јавуваат за соборени дронови од двете страни.
Бојана Крстевски
