Продолжува изградбата на автопатот Кичево-Охрид, ќе заврши во најавениот рок
Ниту едно село и населено место нема да остане отсечено, смируваат надлежните по поплаките на жителите на Општина Дебарца кои со изградбата на автопатот Охрид-Кичево немаат пристапен пат. Изградбата на автопатот тече со засилена динамика. Крајниот рок останува крајот на идната година…

По поплаките на жителите на селата во Дебарца, кои со изградбата на автопатот Кичево-Охрид останаа отсечени без пристапни патишта, надлежните смируваат. Ниту едно населено место нема да остане без пристапен пат. Во првичниот проект не била превидена конекција на 15.000 жители кои гравитираат на потегот, но веќе се проектирани и започната е изградба на 16 надвозници и подвозници.
„Нема да има село или населено место на овој потег, коешто нема да е споено или директно на автопат, или со пристапен пат на најблиската точка каде што може да се приклучи на автопат. И само кога сето тоа ќе е завршено, ќе се пушти во функција и овој дел. Инаку, доколку работевме само на главната траса, тогаш можеше и кога се отвораше горниот дел од патот да се отвор и овој, но тоа ќе значеше 15.000 луѓе отсечени и затоа решивме тука да дадеме малце повеќе време со цел да луѓето добијат пристап“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт.
Изградбата на автопатот Кичево-Охрид тече со засилена динамика. Се градат надвозници, се асфалтира, се поставуваат бетонски греди и еластична ограда.
„Да напомнам, а вие и самите гледате, дека од Климештани па сè до Охрид, значи е активно се работи скоро на секој метар. Има огромен број на механизација, ова невидено до сега, многу изведувачи, многу подизведувачи, сите заедно сме сплотени за да може оваа делница да ја пуштиме што поскоро“, изјави Коце Трајаноски, директор на ЈПДП.
Заврши изградбата на надвозникот кај клучката Подмолје, привршува асфалтирањето и наскоро ќе биде пуштена во употреба втората лента од автопатот на потегот од село Климештани до Охрид.
Изградбата на автопатот Кичево-Охрид започна во февруари 2014 година, проектот имаше бројни недостатоци и застој со години. Последниот рок за негово конечно пуштање во употреба е крајот на 2026 година.
Соња Рилковска
