Македонија

Мицкоски: Институциите преземаат мерки, затајува Обвинителството

14.08.2025 14:54

Премиерот Мицкоски категоричен – борбата против криминалот и корупцијата не може да се води со вакво Обвинителство и Републички обвинител. Тој тврди дека институциите доставуваат пријави, но Коцевски не постапува по нив…

Институциите преземаат мерки, но затајува Обвинителството – премиерот Мицкоски повторно го впери прстот кон Републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски. Останува на ставот дека борбата против криминалот и корупцијата не може да се води со вакво Обвинителство и со актуелниот републички обвинител, кој според шефот на Владата не презема активности.

И покрај тоа што Собранието ја изгласа поднесената интерпелација за работата на Републичкиот јавен обвинител, поднесена од Левица, сепак, Коцевски и натаму остана на функција.

Тој ја оспори и самата постапка, зашто законодавната власт не може да се меша во работата на правосудството, тврдејќи дека чесно и посветено ја извршува неговата функција.

Интерпелацијата, пак, нема обврзувачко дејство. Постапката за разрешување на Коцевски, поведена од Владата беше запрена поради трагедијата во Кочани.

Игор Панов