Македонија

Негирањето на македонскиот јазик е проблем само на оние кои го негираат

15.08.2025 18:50

Негирањето на македонскиот јазик е проблем само на оние кои го негираат. Во 21-от век, науката мора да се темели врз докази, како абецедарот печатен пред 100 години – ова е пораката испратена од 58-та Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура...

Во Охрид започна 58-та Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што годинава ќе мине во знакот на одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Неодминливо прашање како и секогаш на ваквите научни собири беше непризнавањето на македонскиот јазик од извесни пропаганди, за кои претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска- Давкова ќе рече дека тоа говори за некои историски фрустрации, не на некои народи, туку на нивните политичари.

„Бесмислен потег, како нецивилизиран потег, како антиисториски потег, како потег што е спротивен на основните начела и вредности дури на ЕУ, бидејќи во договорот за ЕУ и во Лисабонскиот договор и во Повелбата за фундаментални права, се гарантира дека ќе се почитува идентитетот, национален и културен на секој народ“, изјави претседателката Гордана Сиљановска- Давкова.

„Македонскиот јазик постоел и ќе постои. УКИМ во Скопје со целиот свој научен потенцијал бил и ќе биде поддршка на се она што е поврзано со македонскиот стандарден јазик“, нагласи проф. д-р Биљана Ангелова – ректор на УКИМ.

Во иднина се очекува проширување на мрежата на лекторати по македонски јазик во светот, бидејќи најголема потврда на нашиот јазик е афирмацијата на македонистиката.

„За унапредување на лекторатите на македонски јазик, литература и култура при најреномираниот, најуспешен и најстар универзитет Свети Кирил и Методиј е потребна севкупна општествена поддршка, бидејќи тие се институции од национален и интернационален, меѓународен врвен приоритет“, вели проф. д-р Кристина Николовска – директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик.

Оспорувањето на македонскиот јазик за учесниците на семинарот е неприфатливо.

„За мене тоа прашање воопшто не постои, јас почнав да го студирам македонскиот како прв јазик уште 1975 година“, вели Олга Панкина – македонист од Русија.

„За мене македонскиот јазик е точно македонскиот јазик, не е дијалект од некој друг втор јазик и мислам дека секогаш македонскиот за мене ќе биде јазик на многу богата култура“, додава Алан Тулач – македонист од Полска.

Од семинарот беше упатена силна порака во светот дека не има и ќе нè има, бидејќи македонистиката е врвна наука од светски ранг.

Сашо Нелоски