Македонија

Продолжува борбата со пожарите во „Јасен“ и кај Јажинце

16.08.2025 16:29

Националниот парк „Јасен“ сè уште гори, огнените јазици голтаат шума на непристапен терен. Ветрот ја шири огнената стихија. Екипи на терен. Во земјава има над 20 пожари …

Активни пожари беснеат на неколку локации во државата. Сериозни се два – во ловиштето „Јасен“ и во тетовско Јажинце. Се движи кон Шар Планина и претставува опасност за селата. Екипите на скопската противпожарна бригада се на терен, за да спречат евентуална катастрофа.

„На магистралниот пат кој од Тетово води кон граничниот премин Јажинце, има возила и доколку огнот дојде до патот ќе биде сопрен, но верувам дека ќе успееме во намерата да го сопреме и претходно. Овде зад мене имаме охрабрувачки вести, пожарот поминал низ оваа борова шума, но како што може да се забележи боровите се неоштетени, пожарот горел ниско по земја“, вели Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.

Во Јажинце, пожарот неколку пати е ставен под контрола, но повторно се разгорува. Едниот крак се гаснел до раните утрински часови. Помагале и жителите на Рогачево. Спасена е шума во должина од еден километар.

До доцна во ноќта се гаснеше пожарот кој се реактивираше во атарот на село Јажинце, Општина Јегуновце. Гореше висока трева, грмушки и смреки.

Вториот голем пожар е во ловиштето „Јасен“ кој со денови не може да се стави под контрола. Од утрово го гаснат триесетина припадници од специјалната единица на армиските „Волци“ и „Ренџери“. Надежите се дека во текот на денот ќе биде ставен под контрола.

Александра Спировска