Собрание

Не поминаа корекциите на Изборниот законик

16.08.2025 16:54

Измените на Изборниот законик по скратена постапка не го минаа собранискиот филтер. Правната празнина за учество на независните кандидати на изборите, се сопна на Бадинтеровото мнозинство. Против гласаа пратеници од Европскиот фронт…

Не поминаа измените во Изборниот законик коишто ги предложија пратениците од владејачкото мнозинство. Пречка беше Бадинтеровото мнозинство од пратениците на малцинствата присутни на седницата. 11 пратеници гласаа „за“, а против беа 18, иако во целина законот ја доби поддршката од 67 пратеници.

Пропадна и вториот обид во Собранието да се пополни правната празнина по одлуката на Уставен за укинување на членовите 61 и 62 од Изборниот закон, кој го регулираат прашањето за бројот на потписи за кандидатура за градоначалници и советници во локалната самоуправа.

Од ЗНАМ посочија дека со овие измени не треба да се пазариме во име на етнички концесии, туку треба да се носат за да се усогласат со препораките на ОБСЕ и ОДИХР.

На комисиската расправа беше прифатен амандманот на Левица за менување на процентот од 0,95 на 0,5 насто од вкупниот број на гласачи, како минимум за број на потписи.

Од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека со измените само се имплементира уредување на материјата која го регулира бројот на потписи за независните кандидати, а по изборите треба да се пристапи кон темелна подготовка на нов Изборен законик.

Сега останува на правните служби во Министерство за правда, експертите и ДИК да најдат најсоодветно решение како ќе се постапи, зашто постои правна празнина за постапката и начинот на кандидирање за независни градоначалници и советници за локалните избори.

Игор Панов