Зеленски утре во Вашингтон на разговори со Трамп
Украинскиот претседател Зеленски утре во Вашингтон на разговори со Трамп. На маса можните решенија за крај на конфликтот, меѓу нив солуциите за отстапка на територии. Разговорите следуваат по средбата на американскиот претседател и рускиот лидер на Алјаска. Црвениот тепих и топлиот пречек на Путин ги вознемири европските лидери, стравуваат од нова заседа за Зеленски, се прават комбинаторики со него да отпатува и некој од високите европски функционери …

Украинскиот претседател Зеленски утре ќе отпатува во Вашингтон на средба со американскиот претседател Трамп. Во белата куќа се очекува да разговараат за можните решенија за ставање крај на војната во Украина. Средбата доаѓа по самитот во Алјаска каде имаше обид Трамп и Путин да дојдат до решение за договор за крај на конфликтот.
Украинскиот претседател Зеленски предупреди дека Русија „одбива бројни повици за прекин на огнот и сè уште не одлучила кога ќе го запре убивањето“. Ова ја усложнува ситуацијата, потенцира Зеленски во објава на социјалните мрежи. Им се заблагодари на осумте нордиско-балтички лидери кои дадоа заедничка изјава дека остануваат цврсто посветени на поддршката за Украина.
„Се подготвуваме за понеделничката средба со претседателот Трамп и сум благодарен за поканата“-напиша Зеленски.
Американскиот претседател по средбата со Путин-изјави дека ги доближил ставовите на двете страни за прекин на непријателствата меѓу Русија и Украина. Не се исклучува можноста за откажување на делови од територии.
„Ќе се обидеме да го затвориме ова прашање. Постигнавме навистина голем напредок. Со претседателот Владимир Путин отсекогаш имаме одличен однос. Имавме многу продуктивен состанок и се согласивме на многу теми, додека отворени остануваат помал број на не многу значајни прашања“, изјави Трамп.
Путин веќе ги информирал највисоките руски претставници за разговорите со Трамп во Алјаска. Ги опиша како „многу искрени“ и рече дека двете страни изразиле заеднички интерес за завршување на војната во Украина.
„Би сакал веднаш да напомнам дека посетата на сад беше навремена и многу корисна. Разговаравме практично за сите области од нашата интеракција, но пред сè, се разбира, разговаравме за можно решавање на украинската криза на фер основа. И секако, имавме можност да разговараме за генезата, причините за оваа криза, што и го направивме. Токму елиминирањето на овие коренски причини треба да биде основа за решавање. Разговорот со американскиот претседател Доналд Трамп беше многу отворен, информативен и, според мене, нè доближува до потребните решенија“, нагласи Путин.
Украинските војници кои се борат во харковскиот регион изразија скептицизам во врска со дипломатските преговори за ставање крај на војната, откако американскиот претседател Доналд Трамп не успеа да обезбеди договор од својот руски колега Путин за прекин на конфликтот.
„Овие меѓународни настани речиси воопшто не нè засегаат, а ние, грубо кажано, се однесуваме кон нив како кон природни феномени. Тие постојат, и тоа е тоа – мора да живееме и работиме без оглед на тоа. Што се однесува до ситуацијата на фронтот, мислам дека сите повеќе или помалку ја разбираат“, изјави водач на одред на артилериска единица во 92-та бригада.
„Никогаш немаше вистинско верување. Ако Русија навистина сакаше да ја заврши оваа војна, тоа веќе ќе беше јасно. Но, таа страна разбира само сила“, вели Серхиј, украински војник.
„Нема да попуштиме и ќе останеме на својот став. Како би можеле едноставно да ги предадеме нашите територии? Мора да одиме до крај“, рече Семен, командант на 2-от самооден артилериски вод.
Конфликтот Русија – Украина започна во февруари 2022 година.
Наташа Гркова-Петрушевска
