Свет

Во Вашингтон средба Трамп-Зеленски и ЕУ лидерите

18.08.2025 08:52

Зеленски во Вашингтон на средба со американскиот колега Трамп. На маса и европските лидери, предводени од претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен. Во пресрет на состанокот, Трамп објави дека Зеленски мора да се откаже од Крим и да се согласи никогаш да не се приклучи на НАТО, ако сака да ја заврши војната...

Интензивни дипломатски напори за крај на конфликтот во Украина. Зеленски во Вашингтон на средба со американскиот колега Трамп. На маса и европските лидери, предводени од претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен. Во пресрет на состанокот, Трамп објави дека Зеленски мора да се откаже од Крим и да се согласи никогаш да не се приклучи на НАТО, ако сака да ја заврши војната.

„Украинскиот претседател Зеленски може да ја заврши војната со Русија речиси веднаш, ако сака, или може да продолжи да се бори. Сетете се како започна. Нема враќање на Обама ако му се даде Крим (пред 12 години, без да се испука ниту еден куршум!), и нема влегување во НАТО од Украина. Некои работи никогаш не се менуваат!!!“, објави американскиот претседател Трамп.

Мирот мора да биде траен-возврати Зеленски уверен дека Украина ќе добие безбедносни гаранции со поддршка на европските лидери.

„Уверен сум дека ќе ја браниме Украина, ефикасно ќе ја гарантираме безбедноста и дека нашиот народ секогаш ќе му биде благодарен на претседателот Трамп, на сите во Америка и на секој партнер и сојузник за нивната поддршка и непроценлива помош. Русија мора да ја заврши оваа војна, која самата ја започна“, објави украинскиот претседател Зеленски.

Американскиот претставник Виткоф тврди дека Путин е согласен да им дозволи на сојузниците на Украина да ѝ понудат безбедносни гаранции во стилот на НАТО како дел од евентуален мировен договор. Состанокот во Белата куќа ќе се фокусира на креирање план за заштита на Украина од идни напади, моделиран според член 5 на НАТО, кој го третира нападот врз една земја како напад врз сите.