Зеленски во САД на состанок со Трамп
Зеленски во САД на состанок со Трамп, по самитот во Алјаска. Придружуван е од европски лидери. Трамп најави дека Украина нема да влезе во НАТО и нема да го врати Крим, како отстапка за постигнување мир. За Москва прифатливо е европските држави да дадат безбедносни гаранции за Украина како НАТО …

Во Вашингтон нов обид за постигнување мировен договор за Украина. Прво тет-а – тет средба Зеленски-Трамп, а потоа на маса и клучните европските лидери предводени од шефицата на ЕК, Фон дер Лајен. Во пресрет на состанокот, Трамп со порака-Зеленски мора да се откаже од Крим и никогаш да не се приклучи на НАТО, ако сака да ја заврши војната.
„Украинскиот претседател Зеленски може да ја заврши војната со Русија речиси веднаш, ако сака, или може да продолжи да се бори. Сетете се како започна. Нема враќање на Крим даден од Обама (пред 12 години, без да се испука ниту еден куршум!), и НЕМА ВЛЕГУВАЊЕ НА УКРАИНА ВО НАТО. Некои работи никогаш не се менуваат!!!“, објави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Мирот мора да биде траен-соопшти Зеленски од Вашингтон, уверен дека ќе добие безбедносни гаранции со поддршка на европските лидери. Очекува заедничката сила на сојузниците да ја принуди Русија да склучи вистински мир.
„Уверен сум дека ќе ја браниме Украина, ефикасно ќе ја гарантираме безбедноста и дека нашиот народ секогаш ќе му биде благодарен на претседателот Трамп, на сите во Америка и на секој партнер и сојузник за нивната поддршка и непроценлива помош. Русија мора да ја заврши оваа војна, која самата ја започна. И се надевам дека нашата заедничка сила со Америка, со нашите европски пријатели ќе ја принуди Русија на вистински мир“, објави украинскиот претседател, Зеленски.
Путин е согласен сојузниците на Киев да му понудат безбедносни гаранции слични на мандатот за колективна одбрана на НАТО-тврди американскиот пратеник Виткоф.
„САД се потенцијално подготвени да можат да дадат безбедносни гаранции според членот пет, но не од НАТО. Директно од САД и други европски земји, а тоа е навистина големо“, изјави Стив Виткоф, специјален пратеник на Белата куќа.
Европските лидери претходно од Брисел ја поздравија подготвеноста на Трамп да придонесе за безбедносните гаранции за Украина и најавија дека ќе се спротивстават на секој план за размена на територии кој би ја наградил руската агресија.
„Мора да имаме силни безбедносни гаранции за да ги заштитиме и Украина и виталните безбедносни интереси на Европа. Украина мора да биде способна да го одржува својот суверенитет и територијален интегритет. Не може да има ограничувања за украинските вооружени сили, без разлика дали станува збор за соработка со други трети земји или помош од други трети земји“, изјави Урсула фон Дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.
На средбата во Вашингтон присуствуваат лидерите на Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Финска, како и претставници на Европската унија и НАТО. Се очекуваат да му дадат поддршка на Зеленски во значаен дипломатски момент за војната и да спречат повторување на непријатната ситуација од февруари, кога украинскиот претседател имаше незгодна средба со Трамп во Овалната соба. Средбата во Вашингтон доаѓа по Самитот САД-РУсија во АЛјаска.
Бојана Крстевски
