33 години Македонска армија, столб на одбраната и сигурноста на граѓаните
Армијата го слави 33-от роденден, три децении исполнети со храброст, решителност посветеност во служба на безбедноста на државата. Централната прослава се одржа во Штип.Обраќања имаа претседателката на државата и врховен командант на АРМ Сиљановска – Давкова, министерот за одбрана Мисајловски и началникот на Генералштабот Лафчиски...

Повеќе од три децении Армијата ја пишува својата приказна како вистински чувар на татковината, столб на мирот и стабилноста. Живееме во едни од најнестабилните, најнепредвидливите и најнесигурните времиња, а тоа ја нагласува важноста за самоодржливост, зајакната способност за одвраќање, адаптирање на националните капацитети за кризен менаџмент со оние на НАТО, за да бидеме компатибилни со европската безбедност, порача претседателката и врховен командант, Сиљановска-Давкова. Над 180 армиски припадници под македонското знаме се вклучени во мировни мисии и операции. Освен нејзините главни задолженија, Армијата секогаш дава поддршка и на надлежните институции при справувањето со елементарните непогоди и катастрофи, поплави и пожари.
Столбовите на кои се гради македонската Армија и одбранбените сили, стојат цврсто. Македонската одбрана инвестира во развојот, се опремува и се модернизира, рече министерот за одбрана Мисајловски. За одбраната моментално се издвојат нешто повеќе од 2 насто од бруто домашниот производ. На последниот самит на НАТО беше донесена одлука минимумот за одбраната да биде 5 проценти. Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Лафчиски потенцира дека Армијата, отсекогаш била еден од најважните столбови на државата, и е симбол на извонредност и професионализам.
На свеченоста во штипската касарна „Јане Сандански“ присуствуваа премиерот Мицкоски, собранискиот спикер Гаши, пратеници, министри, поранешни началници на Генералштабот, од Сојузот на борци, претставници на дипломатскиот кор. Оваа Армија денес стои рамо до рамо со сојузниците, но и цврсто на својата земја, секогаш кога граѓаните се во неволја. Вие сте први на линијата на одбрана, но и први кои покажуваат што значи служење на народот. Армијата е срцето на државата. Ако тоа срце чука силно, тогаш и државата е здрава и сигурна. Нашата Армија чука силно, затоа и Македонија ќе оди напред, наведе Мицкоски во објавата на социјалните мрежи. Во стројот беа и новопромовираните 26 потпоручници и 149 подофицери од 25 класа, кои неодамна го завршија школувањето и обуката.
Покрај опремувањето со пешадиско оружје, лесни оклопни возила и опрема за справување со кибернапади, во тек е и постапката за набавка на 8 хеликоптери од Италија. Договорот тежи 250 милиони евра.
Милчо Велески
