Одлуката на ДИК со два потписа до кандидатура на советничките листи има опасност од долги гласачки ливчиња-предупредуваат експертите
Последната одлука на ДИК со два потписа до кандидатура на советничките листи има опасност од долги гласачки ливчиња, изборни компликации и двојници, со исти или слични лични податоци – предупредуваат експертите.И покрај минималниот праг, граѓанските иницијативи и платформи продолжија да собираат потписи за формирање на партија, велат сигурен начин да си ја отворат вратата за учество на локалните избори …

Само два потписа ќе бидат доволни за независните кандидати да влезат во изборната трка за октомвриските локални избори – решение што на хартија изгледа демократско, но во пракса отвора сериозни проблеми-велат експертите.
Предупредуваат на три големи ризици: поплава од кандидати без сериозна намера, злоупотреба со слични или позајмени имиња кои ќе ги збунат гласачите, како и километарски долги гласачки ливчиња.
По одлуката на Државната изборна комисија граѓанските иницијативи и покрај минималниот праг за учество, велат ќе продолжат да собираат потписи за формирање на партија, сигурен влез во изборната трка.
„Да, го намалија прагот за учество на изборите, но еве зошто ќе продолжиме да собираме потписи за основање политичката платформа независни заедно.Постои можност наместо јасна листа за гласање, да добиеме тетратка со голем број имиња, каде што партиите ќе бидат најгоре, а под нив ќе следуваат долги списоци со имиња“, се вели во објавата на „Шанса за центар“ на социјалните мрежи.
Досегашниот модел бараше најмалку 1% потписи од избирачите во конкретната општина или во Град Скопје. Тогаш граѓанските иницијативи се жалеа дека условот е претежок. Но сега, по укинувањето на членот, дојде спротивната крајност – двајца луѓе се доволни за кандидатура.
Во два наврати Собранието не успеа да го регулира ова прашање за бројот на потребни потписи за предлагање кандидатска листа на група избирачи, и поради тоа ДИК, не по своја вина, е доведена во ситуација да ги применува одредбите од Изборниот законик онакви какви се, а во интерес на успешно организиран изборен процес.
На локалните избори во 2021 година за независни гласаа 56.000 граѓани, со што внесоа свои независни претставници во 33 општини и во Градот Скопје.
Игор Панов
