Македонија

Велес, центарот на транзитен туризам - градот со двојно повеќе посети од лани

19.08.2025 12:46

Центар на транзитниот туризам во Македонија е Велес, место каде туристите попатно запираат но и преноќуваат да се одморат од патот кон или од Грција. Лани е забележан скоро двојно поголем број на туристи кои го посетиле градот. Но, освен транзитните туристи во Велес голем престојуваат број и ловџии и тоа од медитеранските земи, Грција, Италија, Шпанија...

Најбројни се туристите од Србија, па Романија и Унгарија. Нивниот просек на престој е нешто повеќе од еден ден, што говори дека тоа се транзитни туристи, кои се на минување за или од одмор во Грција. Тие престојуваат една ноќ во некои од хотелите во градот и го продолжуваат патот. Некои од хотелите се веќе бренд и странските туристи со години се нивни гости.

Четврти според бројот се грците, или не само нашите туристи летуваат кај нив. Со по дваипол дена во просек тие заедно со Италијанците и Шпанците се посетители кои имаат подолг престој во Велес, кој нема море но ги привлекува овие медитерански посетители. Тајната е едноставна, тоа се ловџии кои доаѓаат во лов на дивина во велешко. Можност за попатен одмор даваат и бројните винарии лоцирани во централна Македонија. Виното и храната ја продаваат македонската приказна.

Привлечен пред сè за странските гости е локалитетот Стоби, неколкувековната историја на три хектари површина е местото кое е магнет за сите кои се на минување по автопатот Куманово-Гевгелија. Театарот, епископската базилика, Теодосијанскта палата, куќата на Перистерија, синагогата, градбата со арки се објекти предизвик за туристите.

За странците на пропатување е привлечна и спомен костурницата во Велес, како пример на бруталистичка архитектура но и најголемиот мозаик во Македонија, дело на Петар Мазев на површина од 220 м2.

Петар Печков