Нова учебна година: Течат подготовките, пристигнуваат учебниците
Училиштата се подготвуваат за новата учебна година. Се извршуваат вообичаените хигиено-технички активности. Дел од новите учебници до трето одделение пристигаат. Останатите се очекуваат до први септември. Но, не сите учебници ќе бидат заменети…

Течат подготовките за новата учебна година. Училиштата ги завршуваат последните хигиено-технички активности. Од јуни започнала и дистрибуцијата на новите учебници до трето одделение. Наредниве две седмици, до први септември се очекува да пристигнат и наставните материјали за повисоките одделенија. Во некои пристигнале нови книги за странските јазици, па повеќе нема да се користат испечатени материјали, што ќе биде значајно олеснување. Но дел од училиштата со апели до министерството. Неопходна е замена на книгите коишто се користат повеќе години. Голем број од нив се стари и истрошени.
„Уште во текот на јуни ги имаме добиено целосно учебниците за прво, второ и трето одделение, малку е попроблематична состојба со погорните одделенија, но чекаме, вообичаено по 15-ти август започнуваат со испорака. Има поголема е бројката затоа што за одредени учебници има кои повеќе од шест-седум години се користат, за нив е проблем. Родителите се ставаат на трошок да копираат и копирањето не како оригиналот имаме и слики, графикони кои треба да се во боја“, вели Александра Стаменковска, директорка ОУ „Крсте Мисирков“ Куманово.
„Почнаа да пристигаат и учебниците за изучување на странски јазик што досега ги немавме, туку изучуваа од фотокопирана верзија на учебници, односно самите наставници, беа принудени да се снаоѓаат од извори за нив познати, интернет или кои сами го изучувале јазикот. Се надевам дека до крајот на август ќе пристигнат и другите учебници“, дополни Јасмина Спасовска, директорка ОУ „Браќа Миладиновци“ Куманово.
Активно течат и подготовките на останатиот училиштен материјал. Граѓаните веќе започнале со набавките. Ја поздравуваат мерката за 15 отсто поевтино. Велат секоја заштеда е значајна.
Во книжарниците може да се забележат старите и новите цени на училиштен прибор. Надлежните веќе информираа дека инспекторите на терен активно ќе проверуваат дали трговците ќе ја почитуваат новата мерка која ќе трае до 15-ти септември.
Според проценките со поевтинувањето на училишниот прибор домаќинствата би требало да заштедат од 800 до 2.000 денари.
Елена Георгиевска
