Власта и опозицијата во политичка пресметка за злоупотребите на европските пари од „Еразмус+“
Обвинувањата се движат во милионски суми. ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека парите од европските фондови завршиле кај лица блиски до СДСМ за партиски и лични интереси, наместо за образовни проекти за младите. Социјалдемократите со став дека токму ВМРО-ДПМНЕ ги штити злоупотребите во Агенцијата за „Еразмус+“ и дека дел од скандалот го истражувала Европската канцеларија за борба против измами...

Власта и опозицијата во политичка пресметка за злоупотребите на европските пари од „Еразмус+“. Обвинувањата се движат во милионски суми. ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека парите од европските фондови завршиле кај лица блиски до СДСМ за партиски и лични интереси, наместо за образовни проекти за младите.
„Еразмус + како приватна фондација на СДС, доделени 205 илјади евра преку грантови на брат на нивен пратеник. 83 илјади евра за дресура на магариња и 125 илјади евра за правење на сирење, СДС преку Еразмус + доделија на братот на нивниот пратеник, Диме Велковски. Над 200 илјади евра по партиска линија, Заев и Димова преку Агенцијата Еразмус + му доделија на Горан Велковски, брат на тогашниот пратеник Диме Велковски“, изјави Манасиевски.
Социјалдемократите со став дека токму ВМРО-ДПМНЕ ги штити злоупотребите во Агенцијата за „Еразмус+“ и дека дел од скандалот го истражувала Европската канцеларија за борба против измами.
„Извештајот на ОЛАФ, доставен до Јавното обвинителство, јасно утврдува основано сомнение за злоупотреба на над 2 милиони евра европски пари, во кои се инволвирани повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и уште пет земји-членки на Европската унија. Дополнително, отворени се сериозни сомнежи околу тоа како биле распределени над 8 милиони евра во периодот 2014 – 2017 година, токму во време кога Ана Михајлов и нејзината кумашинка биле евалуаторки во Агенцијата“, велат од СДСМ.
Објаснување даде и Горан Велковски, кој бил директор на училиште добитник на два проекти преку „Еразмус+“.
„Проектот предвидуваше две недели практична настава за 35 ученици и 5 наставници во Хрватска. Нашето училиште има винарија, шуми и полиња за практична работа, но нема фарма за животни. Затоа проектот предвидуваше обука за копитари, односно за коњи и магариња“, појасни Велковски.
И Советот за превентива против малолетничка деликвенција ги демантира обвинувањата за злоупотреба ма европските средства. Од организацијата тврдат дека станува збор за сензационалистички информации, чија цел е лична дискредитација и ширење говор на омраза.
Марина Стојанова-Тонева
