Неизвесна средбата Путин-Зеленски
Сè понеизвесно дали наскоро би се одржала средба Путин-Зеленски. Вашингтон инсистира европските земји да го понесат „лавовскиот дел“ од товарот за безбедносните гаранции на Украина. Москва предупредува дека разговорите за безбедност на Украина без нејзино присуство се бесмислени…

Додека Европа и САД ги кројат безбедносните гаранции за Киев, неколку европски земји меѓу кои Британија и Франција, подготвени да испратат мировен воен контингент во Украина. За НАТО приоритет останува да се постигне праведен и траен мир. Иако САД ја потврдија својата безбедносна поддршка за Киев, Европа сепак ќе мора да го преземе најголемиот товар за нив-велат од Вашингтон.
„Треба да бидеме од помош доколку е потребно да се запре војната и убивањето. Но, треба да очекуваме, а Трамп секако очекува, Европа да игра водечка улога. Тие ќе мора да го преземат најголемиот товар бидејќи се работи за нивни континент и нивна безбедност“, изјави Џ. Д. Венс, потпретседател на САД.
Москва, пак, категорично ги отфрла плановите за присуство на НАТО трупи на украинска територија под, како што велат, маската на мировници, нагласувајќи дека без Русија нема решение за колективна безбедност.
„Повеќе од еднаш објаснивме дека Русија не ги преувеличува своите интереси, но ние цврсто и строго ќе ги обезбедиме нашите легитимни интереси. И сигурен сум дека Западот, а пред сè САД, совршено добро разбираат дека сериозното дискутирање за безбедносните прашања без Руската Федерација е утопија и не води никаде“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Откако Кремљ ги намали надежите за тет-а-тет средба Путин-Зеленски, сега се чини инсистира безбедносните гаранции за Украина да се темелат на Истанбулскиот протокол од 2022 година, кој би ѝ овозможил на Русија и нејзините сојузници вето врз западната воена помош за Киев. Во истовреме борбите на фронтот продолжуваат. И двете страни јавуваат за соборени дронови и ракети.
Бојана Крстевски
