Венс: Украинците сакаат безбедносни гаранции
Единствениот начин за напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина е директна средба меѓу Путин и Зеленски-тврдат во Вашингтон. Додека сојузниците на Киев работат на опциите за безбедносните гаранции за Украина и испраќањето војници, Кремљ повторно поставува услов-нема решение за колективна безбедност без Русија. Наспроти дипломатските обиди, фронтот повторно во пламен...

Додека САД се обидуваат да посредуваат во постигнувањето договор меѓу Русија и Украина, единствено нешто што може да ги придвижи мировните преговори за завршување на конфликтот е средбата Путин-Зеленски – вели американскиот потпретседател. Јазот којшто постои може да се надмине единствено меѓу нив двајцата-додава Венс.
„Навистина има 2 големи прашања кои сè уште висат во воздухот и некако тоа е многу едноставно, а сепак многу сложено. Украина сака да знае дека Русија повторно нема да ја нападне, дека ќе има територијален интегритет и во иднина. Русите сакаат одредени делови од територијата, најголем дел од кои веќе ги окупирале, но некои сè уште не. Токму тоа е суштината на преговорите. Украинците сакаат безбедносни гаранции. Русите сакаат одредено количество територија“, изјави Џ. Д. Венс, потпретседател на САД.
Иако САД ги потврдија безбедносните гаранции за Киев, Европа сепак ќе мора да го преземе најголемиот товар-велат од Вашингтон. Додека сојузниците работат на опциите, неколку европски земји меѓу кои Британија и Франција се подготвени да испратат мировен воен контингент во Украина. За НАТО приоритет останува да се постигне праведен и траен мир. Москва, пак, категорично ги отфрла плановите за присуство на НАТО трупи на украинска територија под, како што велат, маската на мировници, нагласувајќи дека без Русија нема решение за колективна безбедност …
„Повеќе од еднаш објаснивме дека Русија не ги преувеличува своите интереси, но ние цврсто и строго ќе ги обезбедиме нашите легитимни интереси. И сигурен сум дека Западот, а пред сè САД, совршено добро разбираат дека сериозното дискутирање за безбедносните прашања без Руската Федерација е утопија и не води никаде“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Откако Кремљ ги намали надежите за тет-а-тет средба Путин-Зеленски, сега се чини инсистира безбедносните гаранции за Украина да се темелат на Истанбулскиот протокол од 2022 година, кој би ѝ овозможил на Русија и нејзините сојузници вето врз западната воена помош за Киев. Во истовреме борбите на фронтот продолжуваат. И двете страни јавуваат за соборени дронови и ракети.
Бојана Крстевски
