Гутереш го повтори својот апел за прекин на огнот во Газа
Додека се разгледува нов предлог за примирје, израелската армија почна со операции за преземање контрола врз Појасот Газа. Мобилизирани десетици илјади резервисти. Светот повикува на прекин на огнот и предупредуваат дека нападот ќе предизвика масовни смртни случаи и уништување на територијата...

Генералниот секретар на Обединетите нации го повтори својот апел за прекин на огнот во Газа, додека Израел почна нов напад врз градот во енклавата и други густонаселени области. Проширените операции ќе предизвикаат масовни смртни случаи и уништување на територијата, од која околу 75% е веќе во голема мера разрушена и контролирана од Израел, оцени Гутереш.
„Морам да повторам дека е од витално значење веднаш да се постигне прекин на огнот во Газа и ослободување на сите заложници како и да се избегне масовна смрт и уништување што неизбежно би го предизвикала оваа воена операција“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.
Чад и експлозии во Газа. Продолжува израелскиот план за заземање на веќе разурнатиот град, откако беа повикани десетици илјади армиски резервисти.
„Ќе ја продлабочиме штетата врз Хамас во Газа-упориштето на владиниот и воен терор. Ќе ја уништиме терористичката инфраструктура над и под земјата и ќе ја прекинеме зависноста на населението од Хамас. Нема да чекаме. Ги започнавме прелиминарните операции и првите фази од нападот“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелските одбранбени сили.
Многумина жители избраа да останат и покрај опасноста, тврдејќи дека никаде не е безбедно на територијата што се соочува со недостиг од храна и вода. Неколку Палестинци беа повредени откако го посетија преминот ЗИКИМ, влезната точка за хуманитарна помош во северна Газа.
„Има пукање, има повредени луѓе и маченици, ги ризикуваме нашите животи за нашите деца и семејства, за да преживееме“, изјави Мохамед Авад Алах, жител на Газа.
Преговарачите прават напори да се постигне согласност за прекин на 22-месечните борби. Хамас го обвини Израел дека намерно го блокира постигнувањето договор, со цел да продолжи, како што велат, „брутална војна против цивилното население“. Милитантите ја почнаа војната кога го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе, претежно цивили, и киднапирајќи 251 лице. За време на израелската офанзива се убиени повеќе од 60.000 лица.
Катерина Бојаџиева
