Нова патна инфраструктура во североистокот
Инфраструктурни проекти во североистокот. Тече реконструкцијата на обиколницата во Крива Паланка. Се проширува и граничниот премин Деве Баир. Целта е побрзо и побезбедно патување. Но освен патниот, се работи и на железничкиот сообраќај. Почнати се подготовките за третата фаза од пругата кон Бугарија...

Се реконструира обиколницата на Крива Паланка. Станува збор за пат во должина од 4,5 километри. Инвестицијата чини 65 милиони денари, средства на јавното претпријатие за државни патишта. Целта е патување кон североистокот, но и соседна Бугарија да биде побрзо и побезбедно. Паралелно тече и проширувањето на граничниот премин Деве Баир. На почетокот на годинава беше пуштен и експресниот пат Страцин-Крива Паланка.
„Очекувам за брзо време да заврши како би имало и поголем проток преку границата. Досега Владата инвестира 200 милиони денари во проекти во Општина Крива Паланка, што е историски рекорд и никогаш не е направено за оваа и соседните општини“, истакна министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Премиерот Мицкоски при увидот во градежните работи потенцираше дека наскоро ќе започне и проектот за патот од Романовце до Страцин, со што од Скопје до Крива Паланка би се патувало за помалку од 45 минути. Но освен патната, се работи и на железничката инфрастуктура. Надминатите се пречките и треба да отпочнат постапките за третата фаза од пругата кон Бугарија.
„Постигната е согласност со нашиот источен сосед, нашиот дел со одлуката на Владата да се активира грантот што значи техничка поддршка од европската инвестициона банка, подразбира дека и ние отпочнуваме, ревизија на основен проект, целосна документација и потоа објавување на јавен повик за изградба и на третата фаза, со што ние ќе ја заокружиме целата делница која е дел од Коридор 8 од Куманово до граница со Бугарија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во напредна фаза е и проектот со Владата на Обединетото Кралство за Коридорот 10. Низ државата рече Мицкоски има повеќе од 1200 градилишта. Односно повеќе од половина милијарда средства финансирани од централниот буџет кон општините.
Елена Георгиевска
