Образование

Продолжува падот на бројот на првачиња

01.09.2025 18:41

И оваа година продолжува намалувањето на бројот на запишани првачиња. Втора година по ред, Куманово има запишано под 1.000 дечиња. Трендот на миграција останува. Властите со апел итно носење на стратегија за надминување на овој проблем …

Намален број првачиња во кумановскиот регион. Годинава во основните училишта се запишаа 60-ина првооделенци помалку од лани. Во училишните клупи седнаа 904 ученици. Забележително намалување на првачињата освен во руралните средини, има во училиштата во централното подрачје. И поголемите училишта формираат паралелки со помал број ученици. Миграцијата и падот на наталитетот си го прават своето, велат од секторот за образование.

„Основни училишта падот е насекаде не само во руралните средини, туку се чувствува веќе и во централните градски каде и има малку паралелки со максимален број до 30, и веќе не е проблем само внатреопштинска миграција, покрај падот на наталитетот кој е во континуитет туку и миграцијата во западно развиените европски земји го зазема се повеќе својот тренд-вели Александар Јовановиќ“, раководител Сектор за образование Општина Куманово.

Кризата со миграцијата и падот на наталитетот со коишто се соочува Македонија, ги опфаќа и државите во опкружувањето. Локалните власти со апел државата мора итно да изготви стратегија за справување со овој проблем.

„Владата час поскоро да изготви стратегија со којашто ќе се справиме со морталитетот којшто постои, но и огромниот број на иселувањата во последните 30 години. Ова училиште во минатото помни многу поубави денови кога се запишувале во прво одделение и над 30-40 ученици, пред 30-ина години кога биле многу полоши условите за учење, што значи не само условите туку првенствено огромната разлика и функционалноста на системите кои постојат надвор и во државата“, истакна кумановскиот градоначалник.

Во соработка со Министерството за образование и наука општината ќе продолжи да работи на подобрување на условите во образовните установи.

Во најголем дел од кумановските училишта наставата ќе продолжува да се одвива двосменски. Освен во руралните подрачја, од оваа година во една смена ќе се образуваат и учениците во Вук Караџиќ.

Елена Георгиевска