Поранешниот директор на Геријатрија не чувствува вина за примањето поткуп за болнички прием
Во скопскиот Кривичен суд почна судењето против поранешниот директор на Геријатриската болница Мухсин Арифи и неговиот соработник, обвинети за примање поткуп. Парите што ги побарале требало да обезбедат место во установата за сместување на пациентка која била во тешка здравствена состојба. Двајцата обвинети на денешното рочиште рекоа дека не чувствуваат вина...

Не сме се разбрале. Обвинението е големо недоразбирање, а заклучоците се избрзани. Вака одбраната на поранешниот директор на скопска Геријатрија, Мухсин Арифи и на неговиот колега, Блерим Амити, одговори на обвинувањата дека неговите клиенти побарале мито од 20 илјади евра за да згрижат тешко болна пациентка. Обвинетите не признаа вина, тврдат – кривично дело не сториле.
Обвинителството пак не мисли оти е недоразбирање, дотолку повеќе што дел од парите при апсењето се затекнати кај второобвинетиот. Жената што ги пријавила доставила докази дека првично и барале повеќе пари, но на крај се испазариле за сумата што е наведена во обвинението.
Во обвинението стои дека земањето на парите одело преку соработник на директорот, кој служел како параван за незаконити дејствија. Парите ги побарале од жена која ја познавале, а која со пациентката имала договор за доживотна издршка.
Анита Димитријевска – Велковска
