„No Borders Orchestra“ со концерт во Скопје
На програмата ќе бидат некои од најубавите дела некогаш напишани за гудачки оркестар како: Adagietto од Малер, Verklärte Nacht од Шенберг и Metamorphosis од Штраус...

„No Borders Orchestra“- ансамбл во кој свират најдобрите професионални музичари од поранешна Југославија, во петок, 5 септември, ќе има свој концерт во Камерната сала на Македонската филхармонија.
На програмата ќе бидат некои од најубавите дела некогаш напишани за гудачки оркестар како: Adagietto од Малер, Verklärte Nacht од Шенберг и Metamorphosis од Штраус. Според уметничкиот директор Премил Петровиќ, овие дела претставуваат експлозија на страст собрана околу темите љубов и смрт, а во истовреме се одразуваат во делата на најважните помлади регионални композитори. Во редот на тие автори се вбројува и една композиторка од Северна Македонија, Дарија Андовска, која заедно со Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Бранимир Винце (Хрватска), и Марко Никодијевиќ (Србија) во своите дела го тематизираат нашето време на криза и неопходната потреба за трансформација на сите нас и на сите нивоа. Делата се напишани специјално за овој проект.
Социјалната мисија на овој ансамбл, во кој свират музичари од Западен Балкан, секогаш укажува и охрабрува позитивни општествени промени, соработка и толеранција, но исто така допира до луѓето и комуницира со публиката на иновативен и емотивен начин.
