Руско-украински конфликт

Нови руски напади во западна Украина, Зеленски најави соодветен одговор

03.09.2025 12:49

Нови руски напади во западна Украина. Зеленски предупредува дека Путин ги јакне воените капацитети на повеќе делови од земјата. Најави соодветен одговор. Ги повика сојузниците да извршат посилен притисок врз Кремљ. Во Пекинг Путин му се заблагодари на севернокорејскиот лидер за поддршката во војната со Украина.

Активирани полски и сојузнички авиони за да го обезбедат полскиот воздушен простор, откако Русија изврши нов бран напади на западот на Украина. Москва последниве недели ги засили ударите врз украинските градови, иако тврди дека е подготвена за мировни преговори. Зеленски обелодени дека непријателот ги јакне силите на фронтот и најави одговор.

„Секако дека ќе одговориме на ова, Русија дефинитивно ќе ги почувствува последиците од својата дрскост. и ние продолжуваме да работиме со партнерите за да извршиме притисок врз Русија, и тоа ќе се случи“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Рускиот претседател на средбата во Пекинг му се заблагодари на севернокорејскиот лидер за воената поддршка. Ким Џонг Ун порача дека е подготвен да даде сè од себе за да ѝ помогне на Москва.

„Во име на рускиот народ, сакам да ви се заблагодарам за учеството во заедничката борба против неонацизмот. вашите специјални сили учествуваа во ослободувањето на регионот Курск. никогаш нема да ги заборавиме жртвите што ги направија вашите вооружени сили и семејствата на вашите војници“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

„Ако има нешто што можам да направам за вас и народот на Русија, го сметам за братска должност да ја преземам таа одговорност. подготвен сум да дадам сè од себе за да помогнам“, изјави Ким Џонг-Ун, севернокорејски лидер.

Генералниот секретар на НАТО очекува поголема јасност во врска со безбедносните гаранции за Украина по утрешниот состанок во Париз.

„Колективно ќе се справиме со тоа. Ако почне да се одржува билатерален или трилатерален состанок, особено помеѓу зеленски и Путин, јасно е дека ќе е од особено значење за безбедносните гаранции“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Лидерите од коалицијата на подготвените утре на средба во француската престолнина.

Катерина Бојаџиева