Кривичен суд

Продолжува судењето против поранешниот директор на Онкологија и тројца онколози

05.09.2025 08:42

Минатото рочиште беше одложено поради отсуство на второобвинетата Мери Пешевска, за што нејзиниот адвокат достави медицинска документација и барање за одлагање. На обвинителна клупа тогаш седнаа првообвинетиот Васев и двајцата онколози Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски...

Судскиот процес против четворица онколози, меѓу кои и поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, обвинети за несовесно лекување пациенти треба да продолжи денеска во Основниот кривичен суд Скопје.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.

Минатото рочиште беше одложено поради отсуство на второобвинетата Мери Пешевска, за што нејзиниот адвокат достави медицинска документација и барање за одлагање. На обвинителна клупа тогаш седнаа првообвинетиот Васев и двајцата онколози Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски.

Одбраната достави дополнителни докази со кои се спорат вештачењата на Обвинителството, а адвокатот на Васев побара исклучување на дел од доказите добиени од Словенија, тврдејќи дека вештакот Маја Радник нема официјален статус во таа земја. Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска оцени дека ваквите наводи се беспредметни, бидејќи обвинителниот акт веќе ја поминал фазата на оценка.

Судијката Снежана Марковска го прифати барањето за одлагање, со цел Судот да се запознае со новите барања на одбраната.