Реакции за аферата со следење од АНБ
Аферата со следењето на новинари, тогашната опозиција и нејзиниот лидер од страна на поранешното раководство на АНБ, предизвикува лавина реакции во јавноста. Пратениците вчера не успеаја да ја одржат Комисијата за надзор на работата на безбедносните агенции. Обвинителството истражува за наводите. Политичките партии со различни реакции...

Во предвечерието на изборите се вжештуваат реакциите за можното незаконско следење на комуникациите на политичари, новинари, бизнисмени. ВМРО-ДПМНЕ бара Обвинителството да истражи по чиј налог бил следен актуелниот премиер, откако како што велат СДСМ јавно призна дека му ги следела комуникациите, но не нашла ништо спорно. И коалицискиот партнер Касами со реакција – имав чувство дека сме прислушувани, во јавност излегуваа информации кои беа тајни.
Откако Собранието за в среда ја закажа седницата на Комисијата за надзор врз работата на АНБ, а пратениците најавија посета на институцијата, од ДУИ побараа безбедносен сертификат да добие и претседателот на ова собраниско тело – Скендер Реџепи.
Социјалдемократите обвинуваат дека власта не сака да ги декласифицира документите, но и намерно ја саботира работата на надзорната собраниска комисија.
Обвинителството за организиран криминал и корупција ја почна предистрагата, а нивните истражители веќе ги проверуваат документите на АНБ. Оттаму најавија дека постапката ќе потрае поради обемноста и доверливоста на материјалот, но јавноста ќе биде известена за заклучоците од наодите.
Анита Димитријевска – Велковска
