Реакции по рускиот упад со дронови во Полска
Нарушувањето на полскиот воздушен простор со руски дронови, за американскиот претседател Трамп можеби било „грешка“. Остра осуда од Полска и нејзините европски сојузници. Франција и Германија се мобилизираа. Варшава ја затвори границата со Белорусија.

Полска ги затвори границите со Белорусија. Властите велат дека се преземени мерки на претпазливост поради руско-белоруската воена вежба – „Запад-2025“. Москва и Минск уверуваат, вежбата е однапред планирана и не е насочена против никого. Тензиите следуваат по руското нарушување на полскиот воздушен простор со беспилотни летала. Варшава го достави случајот до Советот за безбедност на ООН.
„Го правиме ова за безбедноста на нашите граѓани. Русија се однесува агресивно кон Полска во последните денови, а со години се однесува агресивно кон целиот цивилизиран свет. За да ја обезбедиме безбедноста на нашите граѓани, принудени сме да ги донесеме овие одлуки“, изјави Марчин Киервински, министер за внатрешни работи на Полска.
Наспроти европските реакции дека инцидентот е намерна провокација и сериозна ескалација, американскиот претседател верува дека упадот на дроновите можеби е грешка.
„Можеби беше грешка. Но, без оглед на тоа, не сум среќен со целата таа ситуација, но се надевам дека ќе заврши“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Руските дронови во полскиот воздушен простор ги продлабочи долгогодишните стравувања дека тригодишната војна би можела да предизвика поширок конфликт. Европските лидери изразија загриженост. Се работи на нови санкции за Москва, во момент кога САД договорија укинување на санкциите за Минск за државната авиокомпанија во замена за ослободување на затвореници.
„САД имаат свои санкции и политика на санкции што се стремиме да ја координираме со ЕУ. Европската Унија, исто така, има своја политика на санкции и свои рестриктивни мерки. Многу е добро кога се усогласени, но понекогаш не се. Ги гледаме тие разлики“, изјави Кестутис Будрис, министер за надворешни работи на Литванија.
На фронтот во Украина продолжуваат нападите. Во Киев, Зеленски се сретна со специјалниот претставник на американскиот претседател, Келог. Во фокусот, финансирање на производството и набавката на системите „Патриот“ и зголемување на притисокот врз Русија преку политики за царини и санкции.
Маријана Димовска
