Полска поради воената вежба „Запад-2025“ ја затвори границата со Белорусија
Москва и Минск ја почнаа воената вежба „Запад 2025“, Полска ги затвори границите кон Белорусија. По нарушувањето на полскиот воздушен простор со руски дронови, европските челници стравуваат дека тригодишната војна во Украина би можела да предизвика поширок конфликт. Закажана седница на Советот за безбедност на Обединетите нации. За американскиот претседател, Трамп, упадот на полското небо можеби било „грешка“…

Полска ја затвори границата со Белорусија, како мерка на претпазливост поради руско-белоруската воена вежба „Запад-2025“. Москва и Минск уверуваат, маневрите се однапред планирани и не е насочени против никого. Од друга страна пак американскиот носач на авиони Џералд Форд пристигна во Осло каде што учествува во поморски вежби со неколку оддели од норвешките вооружени сили.
„Го правиме ова за безбедноста на нашите граѓани. Русија се однесува агресивно кон Полска во последните денови, а со години се однесува агресивно кон целиот цивилизиран свет. За да ја обезбедиме безбедноста на нашите граѓани, принудени сме да ги донесеме овие одлуки“, истакна Марчин Киервински, министер за внатрешни работи на Полска.
По руското нарушување на полскиот воздушен простор со беспилотни летала, седница на Советот за безбедност на ООН. Руските дронови во полскиот воздушен простор ги продлабочија долгогодишните стравувања дека тригодишната војна во Украина би можела да предизвика поширок конфликт. Се работи на нови санкции за Русија, во момент кога САД договорија да ги укинат санкциите за Белорусија за државната авиокомпанија во замена за ослободување на политички затвореници.
„Инцидентите во Полска не доведоа до големи сомнежи дека Русија не е сериозна во врска со влегувањето во преговори“, изјави Беате Мајнл-Рајзингер, министерка за надворешни работи на Австрија.
„НАТО мора да ги зајакне своите одбранбени капацитети и единство, особено на источниот дел. Чешка секако целосно стои зад нашите полски сојузници“, порача Јан Липавски, министер за надворешни работи на Чешка.
Наспроти европските реакции дека инцидентот над полското небо е намерна провокација и сериозна ескалација, американскиот претседател вели дека упадот на дроновите можеби е грешка.
„Можеби беше грешка. Но, без оглед на тоа, не сум среќен со целата таа ситуација, но се надевам дека ќе заврши“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
На фронтот во Украина продолжуваат нападите. Во Киев, Зеленски се сретна со специјалниот претставник на американскиот претседател, Келог. Во фокусот, финансирање на производството и набавката на системите „Патриот“ и зголемување на притисокот врз Русија.
Маријана Димовска
