САД

Фатен осомничениот за убиството на Кирк во Јута

12.09.2025 18:00

Американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми безбедносните мерки на два настана по убиството на Чарли Кирк во Јута. Објавени нови снимки на кои се гледа како осомничениот за атентатот бега од универзитетскиот двор. На кровот оставил отпечатоци од дланката и од патиките...

Го фативме осомничениот за убиството на Чарли Кирк, информираше американскиот претседател. Трамп, не откри за кого станува збор, но потврди дека некој многу близок до сторителот ги известил властите за него.

„Мислам дека го имаме во притвор со висок степен на сигурност. Сè се покажа добро. Кирк беше најдобрата личност и не го заслужуваше ова.“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Претходно, Одделот за јавна безбедност на Јута објави видео од осомничениот за убиството на најпознатиот десничарски активист во Америка. На него е прикажано како сторителот трча преку покривот на училишна зграда, а потоа во блиската шума, каде подоцна било пронајдено оружјето употребено за убиство.

Гувернерот на Јута предупреди на дезинформации кои кружат на интернет за да поттикнат насилство.

„Имаме ботови од Русија, Кина, од целиот свет кои се обидуваат да всадат дезинформации и да поттикнат насилство. Ве охрабрувам да ги игнорирате и наместо на интернет, да поминете малку повеќе време со семејствата. Повеќе ќе зборуваме во деновите и неделите што доаѓаат, но најпрвин ќе го фатиме ова лице.“, изјави Спенсер Кокс, гувернер на Јута.

Американскиот заменик-државен секретар најави дека Стејт департментот ќе преземе соодветни мерки против странците во сад кои ја слават, одобруваат или се потсмеваат на смртта на Кирк.

„Странците кои глорифицираат насилство и омраза не се добредојдени посетители во нашата земја. Згрозен сум од тоа што го видов на социјалните мрежи, некои слават, одобруваат или се потсмеваат на настан и им наложив на нашите конзуларни службеници да преземат соодветни мерки“, објави Ланду на платформата Икс.

Ковчегот на Кирк беше пренесен од јута во аризона.Трамп најави дека постхумно ќе му додели претседателски медал на слободата.

 

Катерина Бојаџиева