Македонија

Пријавените за насилство да бидат под надзор

18.09.2025 16:16

Сите пријавени за насилство мора да бидат под задолжителна психијатриска и психолошка евалуација-ова јасно да биде предвидено во законот. Отсуство на утврдена психијатриска дијагноза не е доказ за отсуство на ризик, велат психијатрите…

Една проценка на вешто лице пријавено за насилство, не е доволно за да се заштити жртвата. Ризикот од закани и повреди може да се зголеми во зависност од ситуацијата. Во законот треба да се предвиди задолжителна психијатриска и психолошко евалуација за секој пријавен за насилство, посебно за оние лица кои го повторуваат делото, вели психијатарот и судски вештак, д-р Елена Карева-Пиловска.

Отсуство на психијатриска дијагноза не е доказ за отсуство на ризик. И без неа насилникот може да биде крајно опасен.

Бурни реакции по случајот во Велес

Бурни се реакции по двојното убиството и самоубиство во Велес. Жртвата реагирала до институциите дека поранешното момче ја вознемирува и малтретира. На почеток на годината биле поведени неколку постапки за закани и насилство.

Од велешкото обвинителство било побарано и психијатриско вештачење на обвинетиот, по што е констатирано дека тој не боледува од душевна болест, не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација. Бил прогласен за виновен и му била изречена условна осуда.

Само шест дена подоцна додека Росица Коцева сè уште барала заштита и правда, таа и нејзиниот татко беа убиени.

Наташа Јанчиќ Менковски