Мицкоски очекува приближување во интегративниот процес
Премиерот Мицкоски нема намера да оди на предвремени парламентарни избори. Очекува победа на локалните и исчекор на евроинтегративниот пат...

Нема да има предвремени избори – порача премиерот Мицкоски. На брифинг со новинарите, тој посочи дека Владата има мандат од четири години, период за кој планира да ги реализира ветените проекти, а предвремените парламентарни избори ќе значат само нивно одложување за најмалку шест месеци.
Шефот на Владата очекува исчекор на евроинтегративниот пат и приближување на ставовите меѓу Скопје и Софија на почетокот на следнава година, иако, за ова тој оценува дека е потребна поробустна акција од друг центар на моќ.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува земјава на почетокот на следната година да биде лидер во регионот во реализација на реформската агенда и планот за развој 2024 – 2027.
Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер изјави дека тие одблизу го следат спроведувањето на реформите и реформскиот процес и потсети дека набргу ќе биде објавен извештајот на Европската комисија за напредокот на сите држави кандидатки за влез во ЕУ, меѓу кои и за земјава и во таа насока порача да почекаме да видиме што ќе содржи тој.
Правосудството во фокусот. Во однос на претстојните измени во кривичниот законик, член 353 и избришаниот став 5 кој се однесува на злоупотребата на службената должност, Владата има дадено насоки за компаративна анализа со 5 европски држави. Министерството за финансии пак е задолжено да изврши споредба на приходите кои ги земаат судиите и јавните обвинители во земјите членки на ЕУ. Ова е само дел од 6-те клучни закони кои треба да се усвојат до крајот на годинава, меѓу кои и Законот за јавни обвинители, судската служба и за Судски совет.
Марина Стојанова-Тонева
