Животна средина

По пожарот во Трубарево воздухот стабилизиран, тековните мерења без надминување на границите

19.09.2025 16:12

Од Министерството нагласуваат дека по пожарот биле измерени високи концентрации на честички и тешки метали, но дека тековните мерења покажуваат нормализација на состојбата...

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека квалитетот на воздухот во скопското село Трубарево е стабилизиран и моментално е во рамките на дозволените граници за заштита на здравјето на луѓето.

На 18 и 19 септември се спроведени индикативни мерења, при што просечната концентрација на PM₁₀ изнесувала 9,8 µg/m³, со максимална вредност од 43,3 µg/m³, што е под граничната вредност од 50 µg/m³.

Сосема поинаква била состојбата во деновите по пожарот во складот за електронски отпад (13–14 септември), кога се регистрирани значителни надминувања на PM₁₀ честички – 92,65 µg/m³, Олово (Pb) – 0,75 µg/m³, Кадмиум (Cd) – 59,1 ng/m³, Арсен (As) – 8,9 ng/m³. Никелот останал во дозволените граници.

Од Министерството нагласуваат дека по пожарот биле измерени високи концентрации на честички и тешки метали, но дека тековните мерења покажуваат нормализација на состојбата.

Министерството и Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжат со редовен мониторинг и навремено информирање на јавноста, стои во соопштението.