15 осомничени за пустошење шуми во Малешевијата
15 вработени во Национални шуми и во министерствата за земјоделство и внатрешни работи паднаа во акцијата под водство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Осомничени се дека создале злосторничко здружување за дива сеча на шума во Малешевијата. Дрвата ги подметнувале како легални …

Шумска мафија ја пустошела Малешевијата. Вработени во Национални шуми, но и во МВР и во Министерството за земјоделство, вкупно 15 луѓе се осомничени дека создаделе злосторничко здружение и дека опустошиле 6 илјади хектари шума. Трупците од незаконитата сеча ги продавале како легални, а парите ги ставале в џеб. Обвинителството отвори истрага, полицијата спроведе акција за обезбедување на докази. Осомничените се товарат за пустошење шуми, злоупотреба на службената положба, примање и давање поткуп.
„Како резултат на нивните дејствија била исечена дрвна маса во количина од 1.5 милиони кубни метри со вредност од 6,4 милијарди денари. Организаторите на групата извршиле нелегална сеча на дрвна маса, која потоа била транспортирана и продавана како легално исечена, со цел да се оствари противправна имотна корист.“
Групата имала логистика во локалната полиција. Дека дрвја се делкаат на ангро, според Обвинителството за гонење организиран криминал, знаеле и полицискиот началник од Делчево, како и директорот на Национални шуми од подрачната единица – Малешево кому му биле исплатени 6100 евра за да прогледува низ прсти. За сите осомничени обвинителството побара ефективен притвор.
Анита Димитријевска – Велковска
