Високи концентрации на тешки метали во Трубарево непосредно по пожарот
Непосредно по хаваријата, жителите на Трубарево дишеле воздух со високи концентрации на тешки метали. И ПМ 10 честичките биле речиси двојно над максималната вредност. Оттогаш состојбата е нормализирана, а загадувањето е во рамки на дозволеното...

Непосредно по хаваријата во Трубарево, викендот кога изби пожарот во објектот за складирање електронски отпад, жителите дишеле токсичен воздух со високи концентрации на тешки метали. Ова го покажаа резултатите од анализата – на 13 и 14 септември, измерени се вредности над дозволените граници на олово, кадмиум, арсен, единствено никелот бил во рамки на дозволеното.
И ПМ 10 честичките биле речиси двојно над максималната вредност. Оттогаш состојбата е нормализирана, а загадувањето е во рамки на дозволеното.
Четири физички и едно правно лице се сомничат за загрозување на животната средина со отпад. Првоосомничениот е во затворски притвор од 30 дена, преостанатите тројца во куќен.
Вицепремиерот Меџити вели дека во складиштето биле правени редовни контроли, а целата документација е предадена кај истражните органи.
И покрај најавата дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе поднесе законски измени со кои подметнување пожар ќе се квалификуваат како тероризам, во парламентот ваков предлог сè уште не е доставен.
Основното јавно обвинителство продолжува да испитува потенцијална одговорност и на други лица.
Ана Јосифоска
